КРЕАТИВНОСТА КАКО СТИЛ НА ЖИВЕЕЊЕ

Првата блог објава сакам да ја посветам на креативноста! Креативноста како стил на живеење. Креативноста е вештина која нам како народ воопшто не ни недостасува, напротив, сетете се само дека нашите мајки и баби знаеја да зготват супер вкусен ручек со само неколку состојки (со тоа што се нашло по дома), креативност е да си издизајнираш и фармерки кои си ги скинал на колениците па ќе им ставиш апликација и ќе ги направиш нови и оригинални.

 

Се сеќавам дека во една прилика кога како дете со балетската група требаше да настапуваме на некој натпревар, немавме гардероба па си направивме сукни и блузи од големи парчиња газа обоена со прехрамбена боја.

 

Кога зборувам за креативност, не мислам само на креативност од овој тип, од ништо да направиш нешто, туку креативност која подразбира умешност да им дадеш поинаква перспектива на работите околу тебе.

 

Креативноста е вештина која секој ја има, повеќе или помалку ја користи, а може да се усоврши до перфекција и да стане животен стил кој ти го бои секојдневието без разлика во која област работиш.

 

Веќе одамна немам креативни кризи, научив да ги ловам моментите во лет и да ги ставам во контекст кој најмногу ми одговара и ме држи во креативна кондиција, а еве како ја одржувам кондицијата:

  

ЗАПИШУВАМ

Запишувај се што ќе ти падне на памет: добра идеја, лоша идеја, смешни и луди идеи, планови, соништа, буквално сѐ. Ставајќи ги сите твои идеи на хартија многу полесно можеш да им се вратиш и да ги размислуваш, доработуваш и сл., кога и да посакаш.

                                                                    Планери, Едиција „Тркалезно“

    

Запишувајќи ги своите мисли подобро ќе се запознаеш себе си, ќе сфатиш какви се тие најчесто, дали ти се допаѓа тоа што го забележуваш кај себе и дали треба да работиш на сопствена промена и во која насока таа треба да биде.

 

Оваа техника многу ми помогна да ги развијам моите идеи. Со години наназад со себе носам мали нотеси и тефтерчиња, секогаш имам барем две и тука ги расфрлам сите мои идеи.

 

Најубавиот дел е кога ќе најдеш стари нотеси и кога ќе сфатиш дека добар дел од тоа што си запишал веќе се реализирало.

Така се случи да започнам да дизајнирам и сопствени планери, направени по моја мерка, но и по мерка на сите колекционери на соништа, нив може да ги погледнете тука.

 

ЧИТАМ

Читај работи што ќе те инспирираат, не мора тоа нужно да бидат книги.

Мене секогаш знаат да ме инспираат различни блогови, затоа што читам лични искуства и ставови, вистински животни приказни, сакам кога имам чувство дека комуникацијата ми е жива.

 

Бројот на квалитетни блогови станува се поголем и можам да набројам цела листа на блогери кои ми се инспиративни, но од светските ќе ги споменам www.shillingtoneducation.com/blog  и www.abeautifulmess.com, од балканските www.branasdivineworld.com и www.ivadodit.com, од домашните www.thedreamtraveler.blog.

 

СЛУШАМ

Една од најважните работи кои ги научив откако почнав да одржувам работилници е да СЛУШАМ.

Неверојатно е колку можете да научите ако се фокусирате на слушањето. Слушањето е отвореност да се примат убавите работи со кои секојдневно се среќаваме, а често ги пропуштаме само затоа што не сме научени да слушаме. Слушај внимателно, отвори се за нови разговори, нови луѓе, научи да ја слушаш природата, животот, тоа може да ти биде инспирација за многу работи.

 

ЕКСПЕРИМЕНТИРАМ

Многу идеи останале нереализирани затоа што немаме време, енергија и желба да ги реализираме, имав периоди кога идеите ми правеа повеќе проблем отколку задоволство, имаш куп идеи и што со нив?!

 

Нереализирањето на идеите фрустрира, прави хаос и ја кочи креативната енергија, а креативноста бара постојана акција. Затоа експериментирај, охрабри се, активирај се и истражувај, експериментирањето е процес кој е забавен и секогаш те води на вистинскиот пат, вистински е затоа што ќе сфатиш дека од десет идеи, само една, две се успешни, ама се вистински.

 

Експериментирањето ми ја донесе работата која денес со задоволство ја работам, но тоа е една убава и долга приказна која заслужува посебна блог објава.

 

OUT OF THE BOX

Излези од кутијата за да сфатиш дека постои и хелихоптерски поглед.

Постои една техника која јас ја нареков асоцијативна мапа, а овозможува хелихоптерски поглед, иако стоиш цврсто на земја.

 

Во светот е позната како mind map, а често ја користат луѓе од различни професии, од менаџери, копирајтери, драматурзи, маркетери, писатели и други. Оваа техника многу ми помага да ги развијам моите идеи.

 

Се состои во тоа што бираш еден збор и пишуваш најмлаку пет асоцијации на тој збор. Потоа, на секоја од асоцијациите, правиш повторно најмалку три асоцијации и така се додека не се умориш.

 

Убаво е да видиш колку далеку може да ти отиде мислата, но и да забележиш дека со секоја следна асоцијативна мапа стануваш се подобар.

 

Оваа техника е подеднакво добра и за развивање на идеите, но и за планирање и ми помага многу полесно да стигнам од точка А до точка Б.

 

За креативноста можам да пишувам уште многу, но мојот Блог е замислен како една голема разгранета асоцијативна мапа која почнува од зборот КРЕАТИВНОСТ, така што на оваа тема ќе се читаме уште многу и уште долго. Во меѓувреме регистрирајте се со вашата е-маил адреса за да добивате месечен newsletter со најчитаните блог објави и секако да добиете картичка со попуст од 10%.

 

Share on Facebook
Share on Twitter
Please reload

  • Facebook - Windmillshop
  • Instagram - marija_maneva_windmillsh
СЛЕДИ МЕ НА
ФЕЈСБУК И ИНСТАГРАМ

Copyrights © 2018 MARIJA MANEVA. All Rights Reserved.

  • WINDMILL SHOP
  • WINDMILL SHOP
  • WINDMILL SHOP
  • WINDMILL SHOP